И покрај тоа што живееме во време на дигитална ера, сепак сеуште се користи премногу хартија за чие производство умираат многу дрвја.

Со рециклирање на стара хартија, весници, списанија, амбалажа се заштедуваат многу сурови материјали кои се потребни за производството на хартија.

Поради комплексноста на индустриското производство на рециклирана хартија, составот, веќе употребените хемикалии многу често старата хартија завршува како обичен отпад без да биде повторно употребена. Сепак, да создадете оддржлива хартија во домашни услови не е научна фантастика. Со малку труд и неколку едноставни алатки тоа е можно.

Овој пат нашата објава нема стандарден формат. Инспирирани од профилот на @pupils_artwork кои често во своите училиштни активности ги прикажуваат своите еколошки и оддржливи проекти, решивме да го контактираме одговорниот наставник по ликовно образование Драганчо Таневски и да го замолиме да ни одговори на неколку прашања.

Драганчо Таневски е уметник и наставник по ликовно образование во основните училишта во општина Чашка и село Богомила. Тој со неговите ученици од 6-то до 9-то одделение во рамките на програмата за ликовно образование често изведува оддржливи еколошки активности. 

Во интервјуто ќе дознаете како во домашни услови да направите рециклирана хартија – чекор по чекор, како да ја украсите и како да ја употребите.

Пред сѐ, да ви се заблагодарам на поканата и баш ми е драго што нашиот мал училиштен проект ви го привлекол вниманието. Јас сум голем обожавател на вашата макотрпна и успешна работа која ја следам од самиот почеток и ви посакувам уште многу големи успеси. 

Ќе започнам од мојот почеток и интересот за креативни еколошки проекти. Изработката на рециклирана хартија за прв пат ја запознав во моите основни училиштни денови по предметот екологија, кој за жал денес не постои како предмет во образовниот систем, туку е интегриран во останатите предмети. 

Целиот процес на изработка на рециклирана хартија ми изгледаше многу интересен и често го применував во текот на моето образование, но и во моето творештво. 

Сега како наставник по ликовно образование ја имам можноста да ја пренесам техниката и начинот на изработка на рециклирана хартија на моите ученици. 

Што е потребно за производство на хартија во домашни / училиштни услови? 

За изработка на рецилкирана хартија во домашни услови потребна е соодветна опрема која се состои од: две дрвени рамки (на едната рамка да има оптегнато сито (тул)), сад со рамно дно, блендер или миксер, парчиња памучно платно или крпи, искористена хартија, сунѓер, кофа и две дрвени табли.

Големината на дрвените рамки и табли се прилагодува според големината на садот со рамно дно и форматот на хартија кој сакаме да го добиеме. 

Колку време е потребно за изработка на рециклирана хартија? 

Најверојатно набавката и креирањето на материјалите ќе ви го одземе поголемиот дел од времето. Изработката на рециклираната хартија ќе трае онолку колку што сакате вие или се додека не ја потрошите подготвената пулпа.

Како функционира правењето на рециклирана хартија? 

Многу едноставно! 🙂 Користиме стара веќе искористена, отпадна хартија, ја ситниме со дланките или сечкаме на мали парчиња. Малите парчиња хартија ги ставаме во чиста кофа која претходно ја полниме со вода и ги оставаме да отстојат во водата најмалку два часа, но најдобро е да отстојат 24 часа за хартијата да може добро да омекне и полесно да се разгради.

Омекнатата хартија ја ставаме во блендер и ја мелеме се додека не се добие кашеста смеса која се нарекува пулпа.

Садот со рамно дно го полниме со вода и во него ја додаваме пулпата. Доколку во пулпата ставиме хартија во боја или темперна боја ќе добиеме обоена хартија. Исто може да си играме и со текстурата на новодобиената хартија со додавање на покрупни парчиња на хартија, листови од цветови, билки и тн. 

Потоа ги земаме дрвените рамки. Рамката која има сито ја ставаме доле, но со ситото нагоре а врз неа ја ставаме другата рамка. 

Дрвената рамка која нема сито служи за оформување на хартијата и воедно да ја држи пулпата. 

Така наместените рамки ги потопуваме во легната положба во садот со пулпата се до дното и благо со кружни движења ги мрдаме рамките за да се распореди подеднакво пулпата. 

Постепено ги креваме рамките и ги потпираме на садот за да се исцеди вишокот на вода.

Следно, земаме парче платно и го поставуваме на работната површина. Горната рамка ја вадиме, а рамката со сито на која веќе има пулпа ја превртуваме со пулпата врз парчето платно.

Со сунѓер, со нежно тапкање врз ситото го вадиме вишокот на вода а со тоа и помагаме на пулпата да се одлепи од ситото.

После овој процес полека ја креваме рамката со сито, а пулпата останува на парчето платно. 

Процесот го повторуваме се додека не ја потрошиме пулпата. Наредените платна со пулпа ги ставаме на дрвената табла едно врз друго а на крај врз нив ја ставаме втората табла. Со помош на рамномерен притисок, вишокот на вода се доцедува и воедно се зголемува цврстината на хартијата. 

Платната со хартијата ги распоредуваме и ги оставаме да се сушат. Сувите хартии внимателно ги одделуваме од платното.

На веќе готовите листови рециклирана хартија можеме да пристапиме со креативно изразување. 

Нашата училиштна работилница беше наменета за изработка на креативно – интерактивни картички кои се посветени на ,,8ми март – меѓународен ден на жената,, па затоа решивме да додадеме семиња од различни видови на цвеќиња во хартијата. 

Подарените картички на своите најсакани, можат во целост да се посадат во градина или во цреп. Хартијата со семе од цвеќиња целосно се посадува и постојано се полева со вода за семето да може да из’рти и од тоа да пораснат цвеќињата кои сме ги подариле. 

Кој вид на хартија е потребен за да се добие добра структура на новата рециклирана хартија? 

Во суштина можеме да користиме секаков вид на хартија, но најдобра е таа со поголем процент на целулоза. 

Искрено повеќето пакувања и списанија имаат тенок слој на пластична фолија кој јас лично не би сакал да се наоѓа во новата рециклирана хартија, па затоа и не користам таков вид на хартија. 

На кој начин може да се оплемени рециклираната хартија? 

Како што споменав предходно можеме да бидеме многу креативни во создавањето на рециклирана хартија. 

Можеме да додаваме различни сушени ливчиња од цветови, семе од цветови, други суви билки кои ќе дадат дополнителен мирис, текстура и декорација на хартијата. 

Како може да се користи оддржливата, рециклирана хартија? 

Користењето на оддржливата рециклирана хартија е речиси исто како и нормалната хартија. 

Можеме да цртаме, пишуваме да правиме колажи, може да се печати и линорез и многу други техники и начини на изразување. 

За разлика од индустриската хартија, оддржливата рециклирана хартија е многу осетлива на влага па затоа е тешко да се работи со водени бои. 

За време на работилница увидов дека учениците беа многу посветени на изработката на оддржлива рециклирана хартија, особено заинтересирани беа за постапката и начинот на изведба на проектот. 

Суштината на ваков тип на активности е да ги користиме ресурсите кои веќе ги поседуваме без злоупотребување на нови сурови ресурси, да внимаваме колку отпад произведуваме и на каков начин го организираме отстранувањето на нашиот отпад. 

Кога би практикувале селекција и рециклирање на отпадот нема да се соочуваме со преголеми количини на отпад кој поголем дел завршува низ природата. 

Јас како наставник ја користам секоја можна прилика или создавам прилики со моите ученици да дискутирам на темата екологија, оддржливост и користење на веќе постоечките ресурси. 

На овој начин се надевам дека ќе придонесам да станат свесни граѓани, кои се грижат за својата околина, ќе оформат рутина да внимаваат на отпадот кој го создаваат со нивните секојдневни потреби, а најважно од сѐ е да користат што помалку пластика. 

Доколку сакате да ги разгледате творбите од моите ученици посетете го инстаграм профилот @pupils_artwork.

Пробајте и вие да направите одржлива рециклирана хатија направете фотографии и означете не . Бидете свесни за вашите постапки, внимавајте на вашата животна средина, користе помалку пластика за здравјето на сите и за нашата заедничка иднина. 

Уште еднаш благодарам на поканата OEKOFREAKS и ви посакува многу успех во тоа што го работите. 

Sharing is caring!

Schreibe einen Kommentar

Deine E-Mail-Adresse wird nicht veröffentlicht. Erforderliche Felder sind mit * markiert

Diese Website verwendet Akismet, um Spam zu reduzieren. Erfahre mehr darüber, wie deine Kommentardaten verarbeitet werden.